Францускиот совет за исламска вероисповед официјално ја одобри Повелбата со принципите на исламот во Франција со што треба да почне големо преструктурирање на втората религија во државата.

Како што објавија француските медиуми, по неколкунеделна внатрешна криза, лидерите на Советот се согласиле за текстот на Повелбата, со кој се потврдува „компатибилноста“ на муслиманската вера со секуларноста на државата и со родовата еднаквост и се отфрла употребата на исламот како средство за постигнување политички цели.

Таа потврда на принципите на Републиката беше на барање на францускиот претседател Емануел Макрон како дел од неговата офанзива против сепаратизмот и радикалниот ислам и ќе се реализира во нацрт-закон што сега го разгледува францускиот Парламент.

Усвојувањето на Повелбата со принципи го отвори патот за формирање Национален совет на имами, кој ќе ги одобрува имамите кои проповедаат во Франција.

Повелбата се спротивставува и на мешањето на странски земји во муслиманската вероисповед во Франција. Една од нејзините одредби предвидува и построги правила за странски донации над 10.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.