Холандија не е против проширувањето на ЕУ и смета дека Македонија е блиску до започнување на преговорите за членство, но оти Албанија се уште не е подготвена за старт на преговорите, вели холандскиот премиер Марк Руте за подгоричка „Побједа“.

Не веруваме дека Албанија во моментов е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ. Што се однесува до Македонија таа е поблиску до таа цел – вели Руте.

Тој посочува дека на состанокот на Европскиот совет во Брисел и покрај ваквата констатација за подготвеноста на двете земји, некои членки на Унијата не се согласиле процесот да биде раздвоен.

За разлика од нив, одделни земји сакаа раздвојување и затоа на последниот Европски совет немаше одлука за прашањето за отворање преговори со овие две земји – изјави Руте.

Прашан дали 2025 година е реален рок за прием на некоја од земјите од Западен Балкан во ЕУ, холандскиот премиер вели дека одредувањето крајни датуми не е цел сама по себе и оти најважно е да бидат исполнети условите.

Немаме ништо против проширувањето на ЕУ, но мораме да се погрижиме да ги почитуваме правилата и целиот процес да биде строг и чесен. Тоа е нашата позиција – изјави Марк Руте за подгоричка „Побједа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.