Растот на цените на нафтата, што на 4 февруари го достигнаа повеќегодишниот максимум, според трговците, може да биде запрен ако САД ги укинат санкциите кон Иран, а тоа би придонело за зголемена испорака и поголема понуда на „црното злато“ на глобалниот пазар.

На Азиската берза утрово цената на европската нафта Брент се намали за пет центи или за 0,1 отсто и барел се тргуваше за 93,22 долари.

Додека цената на американската нафта денеска се продаваше за 63 центи помалку од петокот односно барел нафта се тргуваше за 91,68 долари.

САД на 4 февруари најавија укинување на дел од санкциите кон Иран со што ќе се овозможат технички разговори за оживување на нуклеарниот договор.

– Американскиот претседател (Џо) Бајден и понатаму сака да преговараме во Виена… Тоа е знак дека договорот не е мртов, дека мораме да го оживееме, бидејќи тоа е во наш интерес, изјави синоќа американскиот пратеник за Иран, Роб Мали.

Претходно, шефот на иранската дипломатија Хусеин Емир Абдулахијан изјави дека ублажувањето на санкциите кон Техеран не се доволни и оти Вашингтон треба да пружи гаранции за заживување на договорот од 2015 година, склучен со западните сили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.