Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги предупреди Русија и Белорусија да не се закануваат на членките на НАТО.

Ваквата изјава на Столтенберг доаѓа откако белоруските власти насилно приземјија патнички авион што леташе во рамките на ЕУ.

Секако, во итен случај, ние сме подготвени да го заштитиме и одбраниме секој сојузник од каква било закана што доаѓа од Минск и Москва – изјави Столтенберг за весникот „Велт ам Зонтаг“.

Тој додава дека Алијансата „многу внимателно“ следи што се случува во Белорусија.

Белорусија станува сè позависна од Русија. НАТО е „сериозно загрижен за тесната соработка меѓу Москва и Минск во последните месеци. Од минатото мораше да научиме дека Русија масовно го крши територијалниот интегритет на земји како што се Украина, Грузија и Молдавија – изјави Столтенберг.

Сепак, Столтенберг истакна дека НАТО е одбранбен сојуз.

Пред две недели, белорускиот претседател Александар Лукашенко нареди авион на „Рајанер“, кој летал на релација Атина – Вилнус, да слета во Минск.

Белорускиот новинар и критичар на Лукашенко, Роман Проташевич и неговата девојка Софија Сапега, кои беа во авионот, беа уапсени и се уште се во притвор.

ЕУ реагираше со воведување санкции кон Белорусија, додека рускиот претседател Владимир Путин го прими Лукашенко на разговори и најави дека Москва ќе ја поддржи Белорусија со заем од 500 милиони долари. Путин, исто така, ја истакна неговата поддршка за Лукашенко во спорот со Западот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.