Кон крајот на март годинава американскиот претседател Доналд Трамп прогласи триумфално дека Исламската држава е поразена. Падна и последното упориште во Ирак со кое раководеше Абу Бакр ал Багдади и тоа значеше крај на Исламската држава. Но по само неколку месеци никна злогласниот камп ал-Хол во Сирија, каде што сега живеат најмалку 70.000 лица, од кои половината се деца или малолетници. Другите се жени, сопруги на џихадистите, а 15 проценти од сите нив се странци.

Условите во ал-Хол се сè потешки. Толку многу луѓе треба да се хранат, да се обезбеди медицинска нега и да се одржува, а ниту една земја не сака да плати за поддршка на жените и децата на најлошите терористи во последните десет години.

Покрај тоа, повеќето западни земји не сакаат да слушнат за нивните поранешни државјани кои се придружија на ИСИС. Според сведочењата на новинарите и невладините организации кои биле во кампот, ал-Хол се претворил во пекол, епицентар од кој може да се изроди  ИСИС 2 , дури и посилен и поекстремен од порано.

Со приливот на луѓе кои избегаа по падот на Багуза, во кампот пристигнаа најрадикалните жени на борците на ИСИС, кои брзо се организираа и воспоставија правила што не се различни од оние според кои живееја во Исламска држава. Оние кои се противат, ги ризикуваат своите животи.

Под превезот на тајност, овие радикализирани жени продолжија да ги спроведуваат драконските закони на поранешниот „калифат“. За почеток, тие ги следат другите жени и ги принудуваат да останат лојални на ИСИС, казнувајќи ги оние чија приврзаност кон терористичката група исчезнува. Се води сметка сите жени да бидат облечени како што барала Исламската држава. На жените кои не се придржуваат кон тоа, им се заканува смрт.

Дури и инспекторите на Пентагон предупредуваа во нивниот извештај минатиот месец дека ниту Американците ниту нивните сојузници не можат да ги следат случувањата во огромниот камп ал-Хол на североистокот на Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.