Пожарникар од југот на Франција е одговорен за низа шумски пожари во регионот што ги подметнал во потрага по адреналин, соопштија француските власти. Мажот (30), доброволец пожарникар од регионот Херо, бил уапсен во средата, соопштија регионалните обвинители, пренесува Гардијан.

Случајот со човекот кој француските медиуми го нарекуваат „пожарникар пироман“ предизвика голем интерес во Франција, која беше шокирана од големиот борј шумски пожари за време на минатонеделниот топлотен бран што принуди евакуација на илјадници луѓе.

Обвинителот од Монпелје Фабрис Беларжан изјави дека мажот признал дека со запалка подметнал пожар на 26 мај, 21 јули и последен пат ноќта меѓу 26 и 27 јули.

„Прашан за мотивот, тој изјави дека тоа го направил за да испровоцира интервенција на противпожарната бригада со цел да го спаси од угнетувачката семејна средина и поради возбудата што му ја предизвикувале овие интервенции“, рече Беларжан.

„Адреналин, вели“, рече обвинителот. „Тој исто така рече дека има потреба од општествено признание“.

Пожарникарот пироман работи со полно работно време како шумар, а спречувањето пожари е една од неговите примарни обврски.

Неговата адвокатка Мари Бар изјави за БФМ ТВ дека за време на испрашувањето човекот „изразил каење и пред сè силно чувство на срам“. Таа потврди дека истражниот судија му одредил притвор во пресрет на судењето.

„Тој им се извини на пожарникарите со кои работи бидејќи ги нарекува своето големо семејство. Ова е некој кој е многу посветен на својата работа“, рече таа.

„Тешко му е да објасни зошто го направил тоа. На некој начин му олесни што е уапсен. Тој го нарече подметнувањето пожар своја зависност“, рече адвокатката.

Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна затвор до 15 години и парична казна од 150.000 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.