Шпанија повторно ја отвори својата амбасада во Киев, која ја затвори по почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари, објави шпанската влада.

Дипломатска делегација предводена од шпанската амбасадорка во Украина, Силвија Кортес денеска повторно ја отвори амбасадата со поддршка на специјалните полициски сили – се вели во соопштението на шпанското Министерство за внатрешни работи.

Амбасадорката и дипломатскиот персонал беа евакуирани на 25 февруари, ден по почетокот на руската воена акција во Украина.

Повторното отворање на амбасадата доаѓа еден ден по посетата на шпанскиот премиер Педро Санчез на Киев, каде што се сретна со претседателот на Украина Володимир Зеленски и најави доставување воена помош.

Повторно отворање на амбасадата денеска најави и британскиот премиер Борис Џонсон кој порача дека британската амбасада во Киев ќе биде отворена следната недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.