Амбасадорите на земјите членки денеска уште еднаш ќе се состанат во пресрет на министерскиот совет на ЕУ на 8 декември за да ги усогласат заклучоците на текстот, шансите Бугарија да попушти до осми се речиси непостоечки, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ситуацијата засега останува непроменета во Брисел во однос на ветото на Бугарија за отпочнување на преговорите со Македонија.

Поради овој тврд став, очекувано заклучоците не содржат датум за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, туку се поздравува „одлучноста“ на Македонија да напредува во ЕУ реформите.

Советот ја разгледува преговарачката рамка и очекува да ја одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо, согласно заклучоците на Советот од 25 март 2020 – вака гласи текстот што се однесува на преговорите со земјава.

Дипломатите сметаат дека можеби за време на Самитот на ЕУ на средина на декември, директните билатерални контакти помеѓу Борисов и останатите шефови на држави и влади на ЕУ ќе бидат прилика за нов обид за притисок.

Доколку Бугарија не попушти сега, првата половина на 2021 е под знакот на португалското претседателство кое има помалку интерес за проширувањето, а Бугарија има избори во март, така што најверојатно одлуката тогаш би се одложила дури за втората половина на 2021, што предизвикува загриженост кај мнозинството земји членки во однос на одржувањето на реформскиот курс во Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.