Повеќе од половина милион жители на американскиот брег во Мексиканскиот залив добија наредба да се евакуираат поради ураганот Лора што се очекува да ги погоди Тексас и Луизијана.

Ураганот, проследен со силен ветер, се очекува да предизвика поплави и големи бранови.

Повеќе од 385.000 луѓе треба да бидат евакуирани од градовите Бомонт, Галвестон и Порт Артур во Тексас, а наложена е евакуација и на 200.000 жители од пониските области во југозападна Луизијана, каде што бранови високи речиси четири метри би можеле да поплават цели места.

Националниот центар за урагани предвидува дека Лора, поради топлата вода во заливот, ќе се засили во ураган од трета категорија пред да удри во копното, со ветрови од 185 километри на час, што може да предизвика катастрофална штета.

Силниот ураган ќе го погоди копното во среда во доцните часови или рано во четврток – предупреди заменик директорот на Националниот центар за урагани, Ед Рапапорт.

На пат кон САД, ураганот Лора помина покрај Куба, откако беше причина за смртта на најмалку 20 луѓе во Доминиканската Република и тројца на Хаити, каде што доведе до прекини на електричната енергија и поплави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.