Пороен дожд и грмотевици што го погодија Лондон предизвикаа поплави во делови на главниот град на Велика Британија. Затворени се осум метро станици, а две болници побарале од пациентите да не ги користат нивните ургентни центри.

Поплавените болници „Випс Крос“ и „Њухем“ побарале од пациентите, доколку е можно да одат во други болници се додека не ги решат „оперативните проблеми“ предизвикани од поплавата.

Пожарникарите соопштија дека добиле околу 300 повици, главно од населени места каде се поплавени подруми.

Голем број улици во главниот град се затворени, вклучувајќи ги тунелот Блеквол, А12 и делови од северната обиколница. Голем метеж е создаден на другите правци во градот.

Предупредување за можна бура и грмотевици е во сила за поголемиот дел од југоистокот на Англија, а во некои области најавија метеоролозите 75 до 100 милиметри дожд.

Локалните власти советуваа да не се патува додека не помине невремето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.