По карантинот и полицискиот час воведени на 10 јануари, од денеска на Кипар започнува постепеното ублажување на мерките со отворање на берберниците, фризерските и козметичките салони и зголемување од 25 на 50 отсто на бројот на вработени со физичко присуство во приватниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, и понатаму во сила е полицискиот час од 21 до пет часот наутро, како и задолжителното испраќање СМС пораки за движење на граѓаните.

Продолжена е и забраната за собири во домовите, со исклучок на посета на најмногу две лица доколку станува збор за најблиски роднини.

Министерот за здравство на Кипар, Константинос Јоану на неговиот официјален твитер-профил, утрово напиша дека земјата од денеска започнува со укинување на рестриктивните мерки со многу мали чекори и со надеж дека е „почеток на излегувањето од карантинот“.

Тој додаде дека нивната стратегија е базирана врз „тестови, протоколи и вакцини“ и ги повика граѓаните кои се враќаат на работа да се тестираат со брзите тестови и да ги почитуваат протоколите.

Следниот понеделник, во втората фаза од ублажувањето на мерките планирано е во училишните клупи да се вратат учениците од основните училишта и матурантите, да се отворат продавниците, моловите и трговските центри, обложувалниците, музеите и археолошките локалитети, црквите, а во домовите да бидат дозволени посети на најмногу четири лица.

Од почетокот на епидемијата, на Кипар се регистрирани вкупно 30.876 случаи на Ковид-19, а починаа 199 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.