Поранешниот украински претседател Петро Порошенко или ќе се соочи со затворска казна или ќе мора да ја напушти земјата соочен со кривичните предмети против него покренати врз основа на тужби поднесени од адвокатот Андреј Портнов, вели претседателот на Управниот суд во Киев, Павел Вовк, во интервју за „Гордон њуз“.

Тој е уверен дека Портнов ќе оди до крај со тужбите.

Единствено што може да го запре е ако новата влада склучи договор со Порошенко за зачувување на неговиот имунитет. Ако тоа не се случи, Портнов ќе го добие спорот и Порошенко ќе мора некаде да побара политички азил или, во најлош случај, да оди во затвор – истакна Вовк.

Тој исто така рече дека многупати бил поканет да се сретне со Порошенко и со членовите на неговиот внатрешен круг, кои ги искажале своите ставови за тоа како треба да работи судот. Вовк истакна дека ја слушнал нивната страна и изразил свое мислење.

На Петро Алексеевич [Порошенко] не му се допадна моето мислење по ова прашање – додаде претседателот на судот.
Во овој поглед, тој ги спомена несогласувањата со поранешниот претседател во врска со два случаи од висок профил, што доведе до отворен застој меѓу владата и судот.

Според Вовк, еден од тие случаи се однесувал на тарифен спор помеѓу лидерот на партијата Баткившчина“, Јулија Тимошенко, и владата, а вториот е поврзан со национализацијата на „Приватенбанк“.

Отворени се неколку случаи против Порошенко кој е осомничен за велепредавство, злоупотреба на службената должност, перење пари, затајување данок, обид за узурпирање на судскиот орган и за незаконско именување министри во 2016 година, кога во парламентот немаше коалиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.