Поранешниот шеф на одборот за развој на софтвер на Пентагон, Николас Шајлан, за „Фајненшл тајмс“ вели дека Кина ги победила САД во битката за развој на вештачка интелигенција и поради нејзиниот технолошки напредок е на пат за глобална доминација.

Според проценките на западните разузнавачки служби, Кина, втората по големина светска економија, веројатно ќе доминира во многу нови технологии, особено во областа на вештачката интелигенција, синтетичката биологија и генетиката.

Шајлан, првиот шеф за развој на софтвер во Пентагон, поднесе оставка во знак на протест поради бавната технолошка трансформација во американската војска.

Немаме шанси да се натпреваруваме и да се бориме со Кина во периодот од наредните 15 до 20 години. Во моментов тоа е веќе завршена работа, мое мислење е дека веќе е готово. Кина може да доминира со иднината на светот, да контролира сè, од медиумски наративи до геополитика – вели Шајлан.

За таквиот развој на состојбата Шајлан ги обвинува бавните иновации, неподготвеноста на американските компании, како Гугл, да соработуваат со државата во областа на вештачката интелигенција, како и обемните етички дискусии за технологијата. Гугл не бил достапен за коментар.

Според Шајлен, кинеските компании, се обврзале да работат со својата влада и „масовно инвестираат“ во вештачка интелигенција, без оглед на етиката.

Тој додава дека американската кибер-одбрана во некои владини оддели е на „ниво на градинка“.

Шајлан соопшти дека поднесува оставка на почетокот на септември, објаснувајќи дека воените функционери постојано биле задолжени за кибер иницијативи за кои немале искуство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.