Портпаролот на палестинското исламистичко движење Хамас, порача дека Израел мора да ја запре својата агресија во Појасот Газа и во Ерусалим ако сака мир по 11-дневната војна на почетокот на овој месец.

Халил ал-Хаја ја даде изјавата по состанокот со шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел, кој ја посети крајбрежната енклава по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во рамки на турнејата чија цел е зајакнување на примирјето со посредство на Египет.

Камел не даде јавни изјави.

Шефот на египетското разузнавање е највисок арапски службеник кој го посетил Појасот Газа од 2018 година. Покрај со Халил ал Хаја, тој се сретна и со друг лидер на Хамас, Јахја Синуар.

Конфликтот меѓу Израел и палестинските групи во Појасот Газа почна на 10 мај и траеше 11 дена. Тој беше поттикнат од повеќенеделни протести и судири во Ерусалим. Загинаа вкупно над 250 лица, повеќето Палестинци кои живееја во енклавата под контрола на Хамас.

Разговаравме за неколку прашања, од кои најважна е потребата да се принудат окупаторските сили да ја запрат својата агресија против Газа, Ерусалим, Шеик Џара и цела Палестина – изјави Ал Хаја.

Тој порача дека Израел мора да ја отстрани блокадата што ја воведе во Појасот Газа откако Хамас ја презеде власта во енклавата во 2007 година.

Ако тоа се случи, мирот и стабилноста можат да се вратат – додаде Ал Хаја.

Истовремено, тој ја отфрли можноста за поврзување на реконструкцијата на Појасот Газа со ослободување на двајца израелски цивили. Наместо тоа, во замена за нивната слобода, Хамас најверојатно ќе побара ослободување на голем број Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.