Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), предупреди дека Cеверна Кореја се соочува со недостиг на храна од речиси 860.000 тони, истакнувајќи дека земјата може да доживее тежок период веќе следниот месец.

Државата, која е под серија меѓународни санкции поради развивање нуклеарно оружје и балистички ракети, долго време се бори да го нахрани своето население поради хроничниот недостиг на храна.

Минатата година пандемијата на корона вирусот и летните бури и поплави извршија дополнителен притисок врз економијата, која е во опаѓање, а Пјонгјанг минатиот месец призна дека се бори со „сегашната криза со храна“.

Се предвидува Cеверна Кореја да произведе „речиси просечни нивоа“ од 5,6 милиони тони жито оваа година, се вели во извештајот на ФАО. Тоа е речиси 1,1 милиони тони помалку од потребната количина за да се нахрани целото население, a со планираиот комерцијален увоз, од официјално 205.000 тони, Cеверна Кореја веројатно ќе се соочи со недостиг на храна од речиси 860.000 тони.

Ако овој јаз не е соодветно покриен со дополнителен увоз и / или помош од храна, голем број домаќинства може да доживеат тежок период од август до октомври – предупредуваат од ФАО.

Пјонгјанг ги затвори своите граници во јануари минатата година за да се заштити од пандемија, како резултат на што трговската размена со Кина, нејзиниот најголем партнер, забави на минимум, додека сите меѓународни хуманитарни работници ја напуштија земјата.

Серија тајфуни, пак, минатото лето предизвикаа поплави, кои уништија илјадници домови и поплавија земјоделско земјиште.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун неодамна изјави дека состојбата со храната е „тензична“, предупредувајќи ги луѓето да се подготват за „најлошата состојба досега“.

Во 90-те години на минатиот век, по распадот на Советскиот Сојуз, што беше негова клучна поддршка, Cеверна Кореја имаше недостиг на храна и стотици илјади луѓе починаа од глад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.