Австралиските власти воведоа тридневен карантин на сојузната држава Квинсленд, вклучително и на третиот град по големина во земјата, Брисбејн.

Ваквата одлука доаѓа откако во Квисленд се регистрирани шест нови случаи на Ковид-19 и сите се поврзани со средношколец, чиј тест беше позитивен во четвртокот.

На граѓаните во Квинсленд им е дозволено да излегуваат од домот само поради купување на основните продукти или извршување на важни работи, вежбање или посета на лекар.

И најголемиот австралиски град, Сиднеј е затворен поради ширење на делта сојот на корона вирусот.

Околу илјада полицајци се распоредени во околината на Сиднеј за да спречат протести против рестриктивните мерки. Стотици припадници на австралиската армија од понеделник ќе помогнат во спроведувањето на мерките.

Сиднеј ќе биде затворен до 28 август, при што на граѓаните им е забрането да ги напуштат своите домови, освен за вежбање, пазарување, нега и други основни причини.

Во Австралија, од почетокот на пандемијата со Ковид-19 се заразени вкупно 34.000 луѓе, а регистрирани се 924 смртни случаи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.