За време на карантинот поради коронавирусот, училиштата за скоро 168 милиони ученици ширум светот се затворени речиси една година, соопшти УНИЦЕФ предупредувајќи на катастрофалните последици за иднината на тие деца.

Училиштата во 14 земји низ светот останаа затворени од март 2020 година до февруари 2021 година, се вели во извештајот на УНИЦЕФ за затворањето на училиштата.

Од нив, две третини се во Латинска Америка и Карибите, каде што се погодени речиси 98 милиони училишни деца.

Како што се приближува една година од почетокот на пандемијата на Ковид-19, уште еднаш потсетуваме на катастрофата во образованието во вонредни околности на карантин низ целиот свет, истакна извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.

– Со секој изминат ден, децата кои не можат да посетуваат настава со физичко присуство заостануваат, а најмаргинализираните плаќаат најскапа цена, рече Форе.

УНИЦЕФ предупредува дека постојното затворање на училиштата има „разорни последици“, а на најранливите деца им се заканува принуден детски брак или детски труд наместо часови.

Според УНЕСКО, повеќе од 880 милиони деца ширум светот се соочуваат со нарушувања во образованието поради целосно или делумно затворање на училиштата.

Со цел да се сврти вниманието кон „образовната катастрофа“, УНИЦЕФ вчера постави модел на „училница за пандемија“ во седиштето на ОН во Њујорк.

Составена е од 168 празни клупи, секоја клупа претставува милион деца кои живеат во земји каде училиштата се скоро целосно затворени, соопшти организацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.