Американскиот претседател Џо Бајден се врати на претседателските овластувања што „кусо време“ и ги имаше пренесено на потпретседателката Камала Харис поради „тоа што беше под анестезија заради колоноскопски преглед“, како дел од неговата редовна проверка на здравствената состојба, соопштија од Белата куќа.

Бајден, најстариот претседател во историјата на САД, рано утринава заминал на преглед во Медицинскиот центар „Волтер Рид“ во близина на Вашингтон, во пресрет на неговиот утрешен 79-ти роденден.

Белата куќа овој здравствен преглед го опиша како „рутински годишен преглед“. Ова е прв ваков преглед врз американскиот претседател од преземањето на функцијата во јануари.

За време на колоноскопскиот преглед, Бајден бил под анестезија, при што, како што било случај досега, потпретседателот ја презема власта, што вклучува контрола врз американската војска и арсеналот на нуклеарно оружје.

Харис (57) е првата жена што ја извршува функцијата потпретседател на САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.