Истражување спроведено од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Евростат покажува дека по одлуката за Брегзит граѓани на Велика Британија во голем број се населуваат во континентална Европа и земаат државјанства на земјите членки на ЕУ.

За само три години, од 2016 година, по завршувањето на референдумот, до крајот на 2019 година бројот на Британци кои добиле германско државјанство е зголемен за дури 2.000 отсто.  Цел британски град со 120.000 луѓе веќе живее во Германија. Речиси половина од нив ќе добијат германско државјанство до крајот на оваа година.

Граѓаните на Велика Британија се на второ место по број на странци кои добиваат германски пасоши. На прво место во оваа статистика се Турците, по што следуваат Полјаците и Романците.

Според студија на Универзитетот во Оксфорд, за многу Британци, Брегзит стана главниот мотив за напуштање на нивната земја.

Голем број британски иселеници одат и во Шпанија и Франција. Само во Шпанија, веќе се регистрирани 380.000 Британци.

На 31 декември истекува преодниот период за Британија да се смета за земја-членка на ЕУ. Тоа значи дека оние што сакаат да го задржат британското државјанство, но и да заземат второ, на пример германско, тоа треба да го направат до крајот на годината. Како што наведува „Дојче веле“, од 1 јануари 2021 година, Германија веќе нема да им дозволи на Британците да земат двојно државјанство. Истото важи и за другите земји од ЕУ.

Главниот преговарач на ЕУ во разговорите со Британија, Мишел Барние веќе предупреди дека шансите за постигнување на посакуваниот договор за партнерство до крајот на годината исчезнуваат. Барние вели дека ЕУ мора да биде подготвена дека Велика Британија ќе замине без договор. И граѓаните и претприемачите мора да бидат подготвени за ваков настан, што ќе доведе до голем број неизбежни последици, напиша Барниер на Твитер.

Студентите кои престојуваат во Велика Британија по 1 јануари 2021 година повеќе нема да имаат право на безвизен режим во ЕУ. Мобилните комуникации меѓу Островот и Унијата исто така ќе станат поскапи: Граѓаните на ЕУ кои патуваат во Велика Британија ќе мора повторно да плаќаат скап роаминг, a истото важи и за Британците во Европа.

Се уште не е јасно какви правила ќе се применуваат за граѓаните на ЕУ кои влегуваат во Велика Британија при преминување на границата и какви документи ќе бидат потребни на оваа граница.

Британската влада најави дека луѓето од ЕУ ќе влегуваат во Велика Британија без пасоши. Сепак, не е познато дали ќе биде воведен визен режим, како што зборуваше на пример поранешната премиерка Тереза ​​Меј.

Сигурно е само едно, од следната година британските државјани ќе може да престојуваат во ЕУ без прекин најмногу 90 дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.