Над 3,9 милијарди луѓе, повеќе од половина од човештвото, во моментов се наоѓаат во изолација поради пандемијата на новиот коронавирус, покажуваат податоците на француската новинска агенција АФП.

Мерките за превенција на коронавирусот, кои вклучуваат самоизолација, полициски час, суспендирање на јавниот превоз, карантин и слично, се воведени во повеќе од 90 земји и територии.

Тајланд е најновата земја што воведе полициски час, кој стапува на сила во петок. Жителите на земјата несмеат да ги напуштат своите домови помеѓу 22 и 4 часот по локално време.

Во европските земји како Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија се воведени различни мерки на ограничувања. Истото важи и за Индија, Непал и Шри Ланка. Во САД расте бројот на држави кои воведуваат одреден вид карантин.

Иако ковид-19 неодамна пристигна на африканскиот континент, земји како Мароко и Јужна Африка почнаа да преземаат одредени мерки за сузбивање на ширењето на коронавирусот.

Во најмалку десет земји во светот, каде живеат вкупно 600 милиони луѓе, владите ги повикуваат жителите да останат дома без да воведат присилни мерки, како што се парични казни или апсења. Таков е случајот меѓу другите и со Германија, Канада, Мексико и Иран.

Најмалку 26 други држави или територии, каде живеат околу 500 милиони жители, воведоа полициски час, обврзувајќи ги граѓаните да останат преку ноќ во своите домови. Ваквиот метод се применува во африканските земји, вклучувајќи ги Кенија, Египет и Мали и земји од Латинска Америка, вклучувајќи ги Чиле, Панама и Порто Рико.

Саудиска Арабија воведе 24-часовен полициски час во Мека и Медина за да го спречи ширењето на коронавирусот. Жителите на овие градови ќе можат да ги напуштат своите домови само во посебни ситуации; за итни здравствени случаи или за снабдување со храна. Финска воведе слични правила за Хелсинки и Конго за Киншаса. Овие ограничувања опфаќаат над 30 милиони жители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.