Само 23 отсто од Полјаците го поддржуваат заострувањето на реториката и начинот на кој постапува Владата на конзервативната партија „Право и правда“ во спорот со Европската унија за реформите во судството и независноста на полските судови, покажа најновата анкета на ИБРИС.

Најголем дел од испитаниците, 40,8 отсто, избрале од трите понудени одговори дека Владата на Матеуш Моравјецки мора да го заврши спорот што е можно поскоро и да ги прифати условите поставени од Брисел, додека 32,5 отсто од Полјаците се за Владата да почне да бара компромис и отстапки во некои работи.

Премиерот Моравјецки во понеделникот во интервју за „Фајненшл тајмс“ го обвини Брисел дека и поставува барања на Полска „со вперен пиштол во челото“ за да ги исполни.

Моравјецки се закани дека Полска ќе се брани со сето расположливо оружје доколку ЕУ започне, како што рече, „трета светска војна“ со лишување на земјата од пари од Фондот за обнова по пандемијата на Ковид-19 поради недоволно валидно владеење на правната држава и спорот околу независноста на полското правосудство.

Порано или подоцна ќе ги добиеме парите. Колку подоцна ги добиеме, толку појасно ќе биде како Европската комисија постапува на дискриминаторски и диктаторски начин. Дури 88 отсто од Полјаците сакаат да останат во ЕУ, а половина од нив се од нашата партија. Убедени сме дека Полска мора да остане во Унијата. Нема ризик од полегзит, рече Моравјецки.

Полска доби извесно време по неодамнешниот самит на ЕУ, бидејќи претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен рече дека и покрај барањата на некои членки и резолуцијата на Европскиот парламент, новиот механизам за условување пари нема да се применува додека Судот на ЕУ во Луксембург не одлучи по жалбата на Полска и Унгарија против тој механизам.

На зборовите на Моравјецки за „вперениот пиштол во главата“ и за „третата светска војна“, таа одговори дека ЕУ е проект кој многу успешно придонел за воспоставување траен мир меѓу земјите-членки и дека во него нема место за воена реторика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.