Најмалку едно лице загина, а десетици се повредени во синоќешните протести во повеќе белоруски градови, што почнаа по објавувањето на првичните резултати од претседателските избори, на кои шестпати по ред победи Александар Лукашенко.


Според локалните организации за заштита на човековите права еден човек загинал откако бил прегазен од полициско комбе, додека другите демонстранти се здобиле со повреди во судирите со полицијата. Во Минск се повредени 50 луѓе, а над 120 во цела земја.

„Амнести интернешнл“ утрово на Твитер објави дека полицијата во Минск врз демонстрантите фрлила шест шок-бомби и истрелала неколку куршуми.

Полицијата приведе над сто лица.

Изборната комисија на Белорусија денеска ги објави официјалните резултати од вчерашните претседателски избори, според кои Лукашенко освои 80,23 отсто од гласовите.

Додека главната опонентка на Лукашенко, Светлана Тихановскаја освои 9,9 проценти од гласовите, додека другите тројца кандидати освоија помалку од два отсто.

Тихановскаја, 37-годишната професорка по англиски јазик, синоќа изјави дека поголемиот број граѓани се со неа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.