Во предградијата на Минеаполис е воведен полициски час поради немирите што избувнаа во неделата за време на протестот по убиството на афроамериканско момче од страна на полицијата.

Дваесетгодишниот Донте Рајт беше беше убиен во неделата откако полицијата го запре за време на рутинска контрола на возилото. При проверката било утврдено дека е распишана потерница по него. Кога полицајка го извадила од автомобилот, обидувајќи се да му стави лисици, Рајт почнал да пружа отпор, се наведува во полициското соопштение.

Снимките од камерата што ја носела полицајката, а беа прикажани на конференцијата, покажуваат дека Рајт бил предупреден. Тој бил застрелан откако и дал отпор на полицијата и влегол во автомобилот со намера да избега. По неколку метри, Рајт со смртна прострелна рана удрил во дрво со својот автомобил и починал.

Шефот на полицијата објави дека полицајката имала намера да го активира пиштолот за зашеметување кога „случајно“ го застрелала Рајт.

Поради ова убиство, граѓаните повторно излегоа на улиците на Минеаполис, градот каде што минатата година, при брутална полициска интервенција беше убиен Афроамериканецот Џорџ Флојд.

За време на протестот поради убиството на Донти Рајт, дојде до конфликт меѓу демонстрантите и полицијата, која употреби солзавец за да ги растера насобраните.

По повод убиството на Рајт, се огласи и американскиот претседател Џо Бајден, кој изјави дека се случила „навистина трагична работа“ и повика на истрага за инцидентот.

Прашањето е: дали тоа било несреќен случај? Дали тоа било намерно? Тоа останува да се утврди со комплетна истрага – рече Бајден.

Тој исто така повика на мир и воздржаност, нагласувајќи дека го разбира „гневот, болката и траумата“ во афроамериканската заедница.

Во Минеаполис во тек е судењето на полицаецот Дерек Шовин, кој е обвинет за убиството на Флојд. Поради тоа судење, со денови има зголемени тензии во градот, а припадниците на Националната гарда се распоредени на улиците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.