Видео снимено за време на упадот на поддржувачите на Трамп во Конгресот покажува како полицаец со афроамериканско потекло спречи избивање на многу поголем конфликт меѓу безбедносните служби и демонстрантите.

Снимката се шири на социјалните мрежи, а афроамериканскиот полицаец што се гледа на неа е прогласен за херој бидејќи 85 секунди без употреба на насилство или смртоносна сила им дава отпор на демонстрантите кои константно му се приближуваат.

Полицаецот неколкупати се повлекува по скалите, но експертите велат дека тој не се повлекувал навистина, туку ја одвлекувал толпата од салата каде заседавал Сенатот, која била преполна од сенатори кои ги штителе вооружени полицајци.

Полициската управа на Капитол хил не го откри идентитетот на полицаецот, но негови пријатели изјавиле за „Вашингтон пост“ дека станува збор за Јуџин Гудман од сојузната држава Мериленд.

Професор по право на Правниот факултет во Њујорк и поранешен полициски службеник од Полициската управа на тој град, Кирк Буркелтер, изјавил за Вашингтон пост дека Гудман со таквата постапка најверојатно спречил избивање на сериозен насилен судир.

Да постапеше различно, тој ден можеа да загинат многу повеќе лица. Тие луѓе таму дојдоа со пластични лисици. Не е неразумно да се помисли дека биле подготвени да земаат заложници… службеникот Гудман помогна да не дојде до голема трагедија – изјавил Буркелтер.

Вво нередите тој ден загинаа пет лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.