Цените на нафтата експлодираа на отворањето на берзата. Барел “брент” на лондонската берза чини 130 долари, а американска лесна нафта 125 долари. Ова се највисоките цени на „црното злато“ од 2008 година.
По поскапувањето од 21 отсто минатата недела, цената на европската нафта „брент“ утринава продолжи да расте поради ризикот САД и Европа да воведат санкции за извозот на руската нафта.
Цената на брент порасна за 18 отсто или 11,84 долари, на 129,8 долари за барел, додека американската сурова нафта WTI поскапе за 10,29 долари на 125 долари.
„Ако Западот го забрани најголемиот дел од рускиот извоз на енергенси, тоа би било голем шок за глобалните пазари“, изјави главниот економист на Bank of America, Итан Харис.
Тој оценува дека загубата од пет милиони барели од Русија може да доведе до удвојување на цената на нафтата на 200 долари за барел, но и до намалување на светскиот економски раст.
Харис истакнува дека, покрај нафтата, дивиот раст на цените ги погодил и сите пазари на суровини кои не се паметат од 1915 година. Во прилог на тоа наведува дека минатата недела никелот скокнал за 19 отсто, алуминиумот за 15 отсто, цинкот за 12, а бакарот за 8,0 отсто, додека пченицата на фјучерсите поскапела за 60 отсто, а пченката за 15 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.