Лидерот на опозициските лабуристи во Велика Британија, Џереми Корбин, го даде своето прво големо ветување на почетокот на предизборната кампања во кралството, објави „Еуроњус“.

Првиот говор на Корбин во Лондон доаѓа откако пратениците во парламентот го прифатија повикот на премиерот Борис Џонсон за предвремени парламентарни избори на 12 декември.

Џонсон претходно три пати беше одбиен од пратениците за предвремени избори во Велика Британија.

Пред да го прифатат планот на Џонсон, опозициските парламентарци сакаа гаранции дека земјата нема да излезе од Европската Унија без договор.

Тие беа уверени кога Европската Унија прифати да го продолжи рокот за Брегзит од 31 октомври до 31 јануари, време во кое ќе му биде дозволено на британскиот парламент да ратификува нов договор за излез од унијата.

Во неговиот говор, Корбин истакна дека Џонсон не успеал да го спроведе неговото ветување дека „попрво би легнал мртов во ров него да одложува прегзит по 31 октомври“.

Лабуристите ќе го „решат“ Брегзит за шест месеци. Ние ќе им дозволиме на луѓето да изберат дали сакаат да ја напуштат унијата со разумен договор или да останат – вети Корбин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.