Почна вториот процес за импичмент против поранешниот американски претседател Доналд Трамп што е прв таков процес во историјата на САД против поранешен претседател.

Процесот на импичмент поради обвинувања за „поттикнување бунт“ непосредно пред упадот во Капитол Хил на 6 јануари беше отворен од сенаторот Патрик Лихи, а на почетокот беа објавени видеа кои го покажуваа насилното однесување на луѓето кои упаднаа во Конгресот.

Демократите тврдат дека имаат „непобитни“ докази за вината на Трамп, додека адвокатскиот тим на поранешниот американски претседател возвраќа дека демонстрантите дејствувале независно и оценува дека постапката во Сенатот е „апсурдна и неуставна“.

Доколку Сенатот одлучи да го отповика, Трамп никогаш не би можел да се кандидира повторно, но за тоа е потребно двотретинско мнозинство од вкупно 100 сенатори.

Демократите имаат 50 места во Сенатот и веројатно нема да имаат поддршка од доволен број (17) републикански сенатори.

Двете страни, обвинителството и одбраната, ќе имаат по 16 часа да ги изнесат своите аргументи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.