Американските поморски сили евакуираат илјадници морнари од носачот на авиони „Теодор Рузвелт” во Гуам, откако капетанот предупреди дека избувнувањето на коронавирусот го загрозува животот на екипажот.

Досега, 93 случаи на Ковид-19 се дијагностицирани меѓу 4.800 членови на екипажот.

Пентагон соопшти дека тие брзо организирале хотелско сместување на пацифичкиот остров за поголемиот дел од персоналот на носачот на авиони, додека истовремено, на бродот е оставен екипаж доволен за да ги одржува системите.

Планот е од „Теодор Рузвелт” да слезат што е можно повеќе луѓе, а на бродот да останат онолку колку што е потребно за да ги извршуваат неопходните задачи.

Досега, околу 1.000 членови на екипажот го напуштиле бродот, но во следните неколку дена нивниот број ќе достигне 2 700. На носачот на авиони мора да останат околу 1.000 лица за одржување на бродот, каде во моментов се спроведува дезинфекција.

Претходно, капетанот на носачот на авиони објави дека вирусот се шири неконтролирано и побарал итна помош за карантирање на екипажот.

Гувернерката на Гуам, Лу Леон Гуереро изјави дека војската ја уверила дека сите морнари кои дошле на островот имаат негативни тестови за коронавирус.

Таа призна дека локалното население е загрижено затоашто на морнарите им е дозволено да влезат во Гуам, каде што има 77 потврдени случаи на Ковид-19, вклучувајќи три смртни случаи. Сепак, таа потенцираше дека има „морална обврска” да им помогне на оние на кои им е потребна помош. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.