Жителката на главниот град Багдад, Ансам Мануел Искандар, е избрана во ирачкиот парламент и покрај фактот што таа починала од компликации откако се заразила со коронавирусот речиси два месеца пред изборите, пренесе телевизискиот канал Al Arabiya‎.

На изборите одржани минатата недела, во изборната трка за новиот парламент со вкупно 329 мандати се натпреваруваа 3.249 кандидати, главно од 21 коалиција и 109 политички партии.

Ансам учествувала на изборите како независен кандидат во округот на Багдад, и со освоени 2.397 гласови добила еден од петте мандати определени за христијанската заедница во земјата според системот на квоти. Но жената уште летото се заразила со коронавирусот, минала повеќе од месец во болница и починала кон крајот на август.

Појавата на „мртви души“ на избирачките ливчиња наиде на остри критики во јавноста, која ги обвини ирачките власти за фалсификување на изборите, но семејството на починатата побрза да ја разјасни ситуацијата.

На Facebook роднините на Ансам објавија соопштение во кое се наведува дека младата жена се кандидирала самата, не водела кампања, немала изборни плакати па дури не водела кампања и преку социјалните мрежи, а долго се борела со болеста но ја загубила битката.

На изборите нејзините пријатели и поддржувачи гласале за неа „во знак на сеќавање, благодарност и почит кон оваа млада жена која почина прерано“ и за да „не одат попусто“ нивните гласови, а успехот го толкуваат со фактот дека од порано била позната по својата доследност и хуманост. Бидејќи името на Ансам од технички причини не било отстрането од гласачките ливчиња, многумина гласале за неа и незнаејќи што се случило се кандидатката.

Како што се наведува во прилогот, од правен аспект нејзиното место во парламентот ќе го заземе следниот кандидат според бројот на гласовите.

Според ирачката изборна комисија, во Багдад на изборите на 10-ти октомври бил забелажан најнискиот одѕив на гласачите, нешто повеќе од 30 отсто. Притоа, како што претходно објави секретаријатот на владата, мандати во ирачкиот парламент освоиле 97 жени.

Во саботата вечерта, ирачката изборна комисија објави дека завршило рачното пребројување на дел од гласовите, а резултатите според нејзиниот портпарол, не се разликуваат многу од електронските, што значи дека всушност тоа нема да влијае врз конечниот резултат од изборите.

Парламентарните избори во Ирак требаше да се одржат во 2022 година, но се одржаа предвремено по масовните антивладини протести кон крајот на 2019 година поради длабоко вкоренетата корупција и самоволието на државните службеници и политичарите, како и поради сиромаштијата во земјата. Поголемиот број од набљудувачите известија за неправилности и фалсификување на вистинските податоци за текот и разултатите од изборите, а некои од поразените партии одбија да ги признаат изборните резултати.

На изборите кои имаше рекордно низок од одѕив на гласачите од 41 отсто на ниво на целата земја, победи партијата на влијателниот ирачки шиитски клерик Муктада ал-Садр со најголем број пратенички места, по што следеше блокот Такадум (Напредок) на претседателот на парламентот Мохамед ал-Халбуси на второто место и блокот „Држава на правото“ предводен од поранешниот премиер, Нури ал-Малики, на третото место но втора по големина шиитска партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.