На 73-годишна возраст почина Харолд Борнштајн, поранешниот личен лекар на американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп. Веста за неговата смрт е објавена денеска во делот за некролози на весникот „Њујорк Тајмс“.

Причината за смртта не се наведува, но е нагласено дека тој починал минатиот петок, пишува Си-Ен-Ен.

Мажот полн љубов го надживеаја сопругата Мелиса (Браун), ќерката Алекс и синовите Робин, Џозеф, Џереми и Џексон. Поради пандемијата, службата ќе се одржи во тесен круг на семејството и пријатели, пишува во некрологот.

Борнштајн беше личен лекар на Трамп повеќе од три децении. Во 2018 година тој за Си-Ен-Ен изјави дека Трамп во 2015 година му издиктирал што да напише за неговото здравје, кога се кандидираше за претседател.

Неговата физичка сила и издржливост се извонредни. Ако биде избран, Трамп ќе биде најздравата личност некогаш избрана за претседател, се наведува во неговата проценка.

Трамп се откажа од неговите услуги во 2017 година кога Борнштајн за „Њујорк Тајмс“ изјави дека му препишал на Трамп лек за помош при опаѓање на косата.

Не можев да верувам дека некој ќе направи толку голема работа во врска со лекот за раст на косата. И, секако, не е повреда на медицинската доверба да се каже дека некој користи „Propecia”, изјави Борнштајн за Ен-Би-Си Њуз во 2018 година.

Борнштајн, исто така, во 2018 година кажа дека во февруари 2017 година го посетиле тројца претставници на претседателот, на кои бил принуден да им ги предаде медицинските досиеја на Трамп. Овие обвинувања подоцна ги демантираше Белата куќа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.