Американскиот дипломат кој имаше голема улога во склучувањето на Охридскиот договор во 2001 година, Џејмс Пердју, починал во средата на 77 години, објави весникот „Арканзесонлајн“. Причината за смртта не е наведена.

Џејмс Пердју остави неизбришлив белег на Балканот – прво како дел од екипата на прославениот дипломат Ричард Холбрук, а потоа и како американски претставник за Македонија за време на воениот конфликт 2001 година. Тој беше еден од архитектите да се осмислат уставните измени. Пердју го претставуваше американскиот министер за одбрана на преговорите во Дејтон за иднината на Босна и Херцеговина, а беше и заменик-специјален советник на претседателот на САД во времето на конфликот во Косово и имплементацијата на мировниот договор.

Пердју во 2002 година стана амбасадор на САД во Бугарија, каде беше на служба три години.

Пердју беше дел од воената разузнавачка заедница на САД 28 години и стигна до чин полковник. Претседателот Бил Клинтон го именуваше Пердју за американски претставник за воена стабилизација на Балканот во 1997 година со ранг амбасадор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.