Авганистанката Лале Османи со години водеше кампања за промена на вековниот обичај за официјално идентификување на луѓето со имињата на нивните татковци, повикувајќи имињата на мајките да бидат вклучени во личните карти.

Но, нејзината кампања „Каде е моето име?“, која конечно донесе промена во законот минатата недела, предизвика жестока дебата во конзервативната муслиманска земја каде што за некои изговорувањето на женско име во јавноста е табу, пишува „Ројтерс“.

Талибанците, кои штотуку почнаа разговори за поделба на власта со авганистанската влада, според кои може да се вратат да владеат во одреден капацитет, се спротивставија на реформата во еден од првите конкретни ставови што ги открија за правата на жените додека се вклучуваат во мировниот процес .

Од почетокот на оваа кампања до сега наидовме на навреди, понижувања, закани – вели Османи, 28-годишна дипломка на  религиозни студии.

За Османи и многу други Авганистанки, името на мајката покрај таткото на личните карти претставува признавање на жените во општеството.

Ова право ни го даде исламот… ние сакаме да ги вратиме нашите права – истакнува таа.

Кампањата на Османи, која ја почна на социјалните мрежи во 2017 година, се исплатеше минатата недела кога претседателот Ашраф Гани потпиша амандман со кој се признаваат мајките подеднакво со татковците во личните карти.

Но, заедно со признанието од претседателот и поддршката на многу жени, реформата предизвика гнев.

Вметнувањето на името на мајката на електронските легитимации ќе биде срамота и нечесност за Авганистанците – вели Саид Акбар Ага, кој служел како службено лице за време на владеењето на талибанците, на состанокот на кој се разговараше за помирувањето во градот Херат минатата недела.

Правата на жените значително се подобрија откако тврдокорните талибанци беа  исфрлени од власта во 2001 година. Но, расте загриженоста за изгледите за одржување на тој напредок со можност за враќање на исламистичката група во владата.

Талибанците велат дека тие се смениле и ќе овозможат едукација за девојчиња и жени да работат надвор од домот, во некои околности. Но, кога се залагаат за детали, како на пример дали жените ќе треба да носат покривка на лице или да работат на работно место заедно со мажите, тие велат дека за правата на жените ќе се одлучува според исламскиот шеријат, иако не прецизираат како.

Многу жени имаат длабока недоверба и се сомневаат во искреноста на смирувачките коментари на талибанците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.