Повеќе од 900.000 луѓе во Франција закажале термин за вакцинација откако синоќа претседателот на државата предупреди дека ќе бидат воведени ограничувања за сите оние кои немаат здравствена дозвола со која се потврдува дека биле вакцинирани или имаат негативен тест за Ковид-19.

Откривајќи обемни мерки за борба против инфекцијата, Емануел Макрон соопшти дека вакцинирањето засега нема да биде задолжително за пошироката јавност, но истакна дека ограничувањата ќе влијаат на оние кои не се вакцинирани.

Претседателот изјави дека здравствените работници мора да бидат вакцинирани до 15 септември или ќе сносат последици.

Станислас Ниокс-Шато, кој раководи со Доктолиб (Doctolib), една од најголемите веб-страници во државата за резервации за термини за вакцинирање, за радиото РМЦ изјави дека по објавата на претседателот, рекорден број луѓе бараат вакцинирање.

За неколку минути имаше 7,5 милиони врски со страницата Доктолиб. Повеќе од 900.000 луѓе се пријавија на вакцинација вчера, двојно повеќе од последниот рекорден број на 11 мај – изјави Ниокс-Шато.

Макрон вчера соопшти дека здравствената пропусница е потребена за широк спектар на настани, и сега ќе биде потребна многу почесто, вклучително и за влез во ресторани, кина и театри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.