Австралија се повлекува од планот да ги вакцинира речиси сите 26 милиони жители на земјата до крајот на 2021 година. Ваквата одлука доаѓа откако беше препорачано луѓето на возраст под 50 години да се вакцинираат со вакцината на „Фајзер“ наместо со таа на „Астра-Зенека“.

Австралија, која многу се потпираше на вакцината на „Астра-Зенека“, нема да постави нови цели за да ја исполни својата програма за вакцинација. Иако би сакале да ги потрошиме сите дози до крајот на годината, таа цел е невозможно да се постигне со оглед на многуте непознаници што се појавија – објави премиерот Скот Морисон на Фејсбук.

Властите во Канбера во четвртокот одлучија да ја сопрат вакцинацијата на лица помлади од 50 години, откако европското регулаторно тело (ЕМА) предупреди на можноста за поврзаност помеѓу вакцината на „Астра-Зенека“ и извештаите за ретки случаи на згрутчување на крвта.

Австралија, која минатата недела набрзина ја удвои нарачката за вакцини од „Фајзер“, првично планираше да го вакцинира целото население до крајот на октомври.

Досега се аплицирани 1,18 милиони дози на вакцини, а како што порача Морисон, темпото на спроведување на програмата за вакцинација во Австралија е во чекор со темпото во земји како Германија и Франција и побрзо отколку во Канада и Јапонија.

Австралија почна со вакцинација многу пред некои земји, главно поради малиот број на заразени, што е нешто помалку од 29.400 од почетокот на пандемијата, во текот на која имаше и 909 смртни случаи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.