Јужна Кореја ќе продолжи со имунизација на лица под 60-годишна возраст со вакцината на „АстраЗенека“ според првичниот план.

Како што соопшти Корејската агенција за контрола и превенција на болести (КДЦА), оваа вакцина нема да им се дава на лицата помлади од 30 години.

На 7 април Агенцијата објави дека ја прекинува употребата на вакцината на „АстраЗенека“ за лица помлади од 60 години, откако Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека постои поврзаност меѓу препаратот и случаите на тромбоза. Премиерот на земјата, Чанг Саи-кин им наложи на здравствените институции детално да ги испитаат материјалите на ЕМА околу ова прашање.

Одлуката за продолжување на вакцинацијата се заснова на ставот дека придобивките од вакцината се поголеми од можните несакани ефекти.

Донесена е одлука да не се користи вакцината на „АстраЗенека“ кај лица на возраст под 30 години без хронични болести, бидејќи, според ЕМА, ризикот од појава на несакани ефекти ги надминува можните придобивки од вакцинацијата.

Претходно е соопштено дека јужнокорејските власти планираат да вакцинираат 12 милиони луѓе во првата половина на 2021 година. Вакцинацијата почна кон крајот на февруари, а „АстраЗенека“ беше првата вакцина која ја примија пациенти и персоналот во болниците и домовите за стари и изнемоштени лица.

Според одлуката на здравствените власти, од крајот на март, лицата на возраст меѓу 65 и 75 години се вакцинираат со „АстраЗенека“, а оние над 75 години со „Фајзер“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.