Сандра Мејсон положи заклетва како прва избрана претседателка на Барбадос, една од најнаселените карипски држави, што се совпадна со 55-годишнината од прогласувањето независност на оваа некогашна британска колонија.

Барбадос и официјално се откажа од кралицата Елизабета Втора како шеф на државата и стана република по близу 4 века колонијален статус.

За да се означи официјална промена на власта, беше оддаден последен поздрав на монархијата и беше симнато британското знаме.

„Врските помеѓу двете нации ќе продолжат без разлика на промените во уставниот статус. Ова е нов почеток за Барбадос“, изјави принцот Чарлс, кој присуствуваше на церемонијата, додека кралицата испрати најдобри желби за среќа, мир и просперитет во иднина.

Барбадос лани ги објави плановите да стане република, но ќе остане во рамките на Комонвелтот.

Последната држава која ги раскина врските со британската круна беше Маврициус во 1992 година.

Окупиран во 1627 година, Барбадос бил една од првите британски колонии за робови. Ропството било укинато во 1834, додека Барбадос се здоби со независност во 1966 и денес е една од најразвиените карипски држави. Премиерката Мија Мотли кажа дека со овој чин, Барбадос целосно го остава колонијалното минато зад себе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.