Затвореникот од Гвантанамо, Суфјан Бархуми, е вратен во Алжир, откако помина речиси 20 години во воениот притворен центар, соопштија американските власти.

Бархуми беше заробен во безбедна куќа во Пакистан со еден од највисоките членови на Ал Каеда во 2002 година и обвинет за учество во планирањето на нападите во САД.

Министерството за одбрана на САД соопшти дека повеќе не се смета дека е неопходно тој да биде држен во американски притвор. Во соопштението се додава дека Алжир дал гаранции оти  Бархуми ќе добие хуман третман.

Во соопштението, Министерството додава дека американските власти му препорачале на Бархуми да се врати во својата родна земја.

САД ја ценат подготвеноста на Алжир и другите партнери да ги поддржат тековните напори на САД кон темелен процес насочен кон одговорно намалување на популацијата на затворениците и конечно затворање на објектот Гвантанамо – се вели во соопштението

Алжир јавно не излезе со коментар по ова прашање.

Со заминувањето на Бархуми, во Гвантанамо остануваат 37 затвореници – вклучително и 18 кои исполнуваат услови за трансфер.

Од 2002 година, објектот за притвор лоциран во југоисточна Куба се користи за да се чуваат, како што тврдат САД, луѓе заробени за време на американската војна против тероризмот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.