Израелскиот парламент вo недела ќе организира гласање за доверба на новата влада, што е последната фаза пред доаѓањето на власт на коалицијата што ќе ја замени владата на Бенјамин Нетанјаху, соопшти претседателот на парламентот, Јарив Левин.

Доколку коалицијата на десничари, левичари, центристи и арапски партии изгласа доверба на владата, заклетвата ќе биде дадена истиот ден, со што ќе заврши 12-годишниот мандат на премиерот Нетанјаху, кој ќе биде заменет со Нафтали Бенет.

Лидерите на крајната десница Jaмина и центристичката Јеш Атид, Нафтали Бенет и Јаир Лапид и претседателот на Раам (Обединетата арапска листа), Мансур Абас минатата среда постигнаа договор за формирање нова владејачка коалиција.

Според договорот, Лапид и лидерот на десничарската партија Јамина ќе функционираат како ротирачки премиери, односно Бенет ќе биде премиер во првите две години од мандатот, по што Лапид (57) ќе застане на чело на Владата.

Осумпартиската коалиција нема речиси ништо заедничко, освен отпорот кон Нетанјаху, кој беше на премиерската позиција од 1996 до 1999, и потоа непрекинато од 2009 досега.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.