Северна Кореја најави „цврст и безмилосен” одговор на воените вежби на САД и Јужна Кореја, објави денеска севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.

Неодамнешните тестови на балистички ракети се „јасен одговор“ на заедничките вежби на САД и Јужна Кореја, се вели во соопштението.

„Колку подолго ќе продолжат воените провокации на непријателот, толку побезмилосно ќе им се спротивстави Корејската народна армија“, се додава во соопштението.

Стотици американски и јужнокорејски воени авиони, вклучително и бомбардери Б-1Б, учествуваа во заеднички вежби од 31 октомври до 5 ноември. За прв пат бомбардерите Б-1Б биле испратени на Корејскиот Полуостров уште од декември 2017 година.

Северна Кореја истрела десетици балистички ракети во морето за време на вежбите меѓу САД и Јужна Кореја, од кои едната падна во близина на јужните територијални води.

Јужнокорејскиот претседател Џун Сук Јеол го осуди како „де факто територијална инвазија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.