Пјогнјанг ќе ја гаѓа Јужна Кореја со „нуклеарна борбена сила“ доколку биде нападнат, ја пренесуваат севернокорејските државни медиуми изјавата на Ким Јо-јонг, влијателната сестра на севернокорејскиот претседател Ким Јонг-ун.

„Во случај Јужна Кореја да се реши за воен судир со нас, нашата нуклеарна борбена сила ќе мора неизбежно да ги спроведе своите задачи“, рекла Јо-јонг, притоа нагласувајќи дека Северна Кореја никогаш нема да нападне прва.

Доколку Јужна Кореја од било кои причини…се реши за таква воена акција како превентивен удар, за каков што зборуваше јужнокорејскиот министер за одбрана Су Вок, ситуацијата ќе се промени. Во тој случај Јужна Кореја ќе стане мета, стои во нејзината изјава.

Јо-јонг која е на највисоките позиции во владејачката Народна партија на Северна Кореја минатата седмица го нападна Су поради неговите забелешки за „превентивни удари“. Тогаш рече дека Јужна Кореја рескира „сериозна закана“, без притоа да даде какви било појаснувања.

Су во петокот пред медиумите рече дека јужнокорејските оружени сили имаат капацитети „прецизно и брзо“ да нападнат локации од каде Северна Кореја би лансирала ракети, како и командни места доколку се појават јасни показатели за обид за напад врз Јужна Кореја.

Вербалните напади од Пјонгјанг врз јужнокорејските владини службеници не се реткост, а последните доаѓаат во мигови на растечки тензии во регионот.

Пјонгјанг неодамна повотрно го сврте вниманието врз себе со лансирањето нова интерконтинентална балистичка ракета.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.