Речиси петтина од Холанѓаните, или 17 проценти, сметаат дека Владата прерано почна да ги олеснува мерките и да го укинува карантинот воведен за да се спречи ширењето на новиот коронавирус, покажа истражување на организацијата Харт ван Недерланд.

Сепак, околу 70 проценти од испитаниците рекле дека веруваат во прогресивниот план на холандскиот премиер Марк Руте, пренесува порталот НЛ Тајмс.

Според истражувањето во кое учествувале 2.000 Холанѓани, граѓаните најмногу ги радува отворањето на фризерските салони, но и отворањето на градините и дозволата за посети во домовите за стари лица.

Олеснувањето на мерките ќе оди постепено, а како што најави Руте, фризерските салони и салоните за убавина, како и основните училишта ќе бидат отворени на 11 мај, а од 1 јуни ќе почнат со работа повторно одредени железнички линии, рестораните и кината.

После тоа, следниот чекор ќе биде дозвола за организирање поголеми свадби, а последниот чекор ќе биде отворање на сауни, спортски сали и секс-клубови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.