Најмалку пет луѓе загинале, а десетици илјади мораа да ги напуштат своите домови поради десетиците пожари во заливското подрачје на Сан Франциско предизвикани од над 11.000 молњи.

Тројца од загинатите се во округот Напа, едно во округот Солано, а загинал и еден пилот кој со хеликоптер учествувал во гасење на пожарите. Најмалку две лица се сметаат за исчезнати, а повредени се повеќе од 30 жители и пожарникари.

Гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом, по посетата на евакуацискиот центар во Ватсонвил, изјави дека пожарите се јасен показател за климатските промени.

Ако ги негирате климатските промени, дојдете во Калифорнија – порача Њусом.

Пожарите во Калифорнија уништија над 150 објекти, меѓу кои и семејни куќи, а загрозени се 50.000 домови. На терен се повеќе од 10 илјади пожарникари, од кои дел се со продолжени смени до 72 часа.

Во Калифорнија веќе една седмица има рекордни температури, а во неделата, во Долината на смртта, беа измерени рекордни 54,4 Целзиусови степени.

Истовремено, земјата е погодена и од најлошите бури во последните 20 години. Неделава околу 11 илјади молњи предизвикаа 370 пожари.

Државниот парк Биг Басен Редвудс, најстариот државен парк во Калифорнија со стебла на секвоја стари до 2.000 години, претрпе сериозни оштетувања на историските згради, соопшти управата на паркот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.