Не треба да се „пумпаат“ очекувањата од разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден, на 16 јуни во Жeнева, смета портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Дури и почетокот на нивниот дијалог е позитивен чекор, изјави тој денеска на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

Според него, оваа средба е многу важна, но би било погрешно да се очекуваат големи очекувања, пренесува Тасс.

Потенцијалот на нашите несогласувања, па дури и некои спротивставени моменти во нашите билатерални односи, се толку големи што не може да се очекува никаков напредок во постигнувањето разбирање. меѓутоа, понекогаш и согласноста да не се согласуваме може да биде корисна – додаде Песков.

Меѓусебното почитување и земањето предвид на меѓусебните интереси, како што забележа порпаролот на Кремљ, се неопходен услов за подобрување на руско-американските односи.

Од друга страна, обидите за диктат или менторство се осудени на неуспех, бидејќи тие можат да ја нарушат динамиката на воспоставувањето дијалог – рече Песков.

Тој потсети дека рускиот претседател Владимир Путин е за подобрување на односите меѓу Русија и САД.

Договорениот самит во Женева ќе биде првата „тет-а-тет“ средба меѓу Путин и Бајден по стапувањето на власт на 46. американски претседател. Тоа ќе биде и прв руско-американски самит од јули 2018 година, кога Путин се состана со тогашниот американски претседател Доналд Трамп во Хелсинки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.