Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека опозициски настроениот блогер Алексеј Навални, како и секој друг руски граѓанин, е слободен да ја напушти земјата и да се врати во неа кога сака.

Секој државјанин на Русија е слободен да замине или да се врати во Русија – рече Песков на прес-конференција.

Песков на тој начин ги коментираше наводите на „Њујорк тајмс“, според кои, во разговор со претставниците на германските истражни органи, Навални рекол дека не планира да емигрира во Германија и дека би сакал да се врати во Русија и да го продолжи својот претходен ангажман.

Одговарајќи на прашањето дали Кремљ е задоволен од одлуката на Навални, со оглед на силните реперкусии што ги предизвика неговиот случај низ целиот свет, Песков подвлече дека „кога руски државјанин ќе се опорави и неговото здравје ќе се врати во нормала, секако, сите се задоволни“.

Како што наведува руаската агенција ТАСС, Песков рече дека Кремљ не е во можност внимателно да ги следи промените во здравствената состојба на Навални.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.