Перу ги отвори урнатините на археолошкиот локалитет Мачу Пикчу за само еден јапонски турист. Тој чекаше речиси седум месеци за да влезе во тврдината на Инките додека беше заробен во земјата на Андите за време на пандемијата на корона вирусот.

Влегувањето на Џеси Катајама во урнатините се случи благодарение на специјалното барање што тој го поднесе затоа што е блокиран од средината на март во градот Агуас Калиентес, на падините на планините во близина на локалитетот.

Тој дојде во Перу со сон да може да влезе во Мачу Пикчу. Му дозволивме на јапонскиот државјанин да влезе во градот, заедно со нашиот шеф на локалитетот, за да може да го стори тоа пред да се врати во неговата земја – изјави министерот за култура, Алехандро Нејра, на виртуелна прес-конференција.

Катајама, со неговиот влезен билет купен за март, влезе во урнатините на тврдината изградена пред повеќе од 500 години во саботата и стана првиот посетител во последните седум месеци што можел да прошета низ светското наследство. Неговиот првичен план беше да помине само неколку дена во Перу за да го види Мачу Пикчу.

Ова е толку неверојатно! Ви благодарам! – изјави Катајама во видеото снимено на врвот на планината Мачу Пикчу.

Нејра рече дека во ноември камените урнатини на Мачу Пикчу повторно ќе бидат отворени за националните и странските туристи, без да се прецизира датумот. Локалитетот ќе дозволи 30 отсто од својот нормален капацитет од 675 луѓе на ден.

Перу досега има пријавено 33.305 смртни случаи поврзани со корона вирусот и има највисока стапка на смртност по глава на жител Ковид-19 од која било друга земја низ светот. Неодамна се обновија меѓународните летови, но само кон седум земји од Латинска Америка, а туристичката индустрија во оваа земја е уништена од пандемијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.