Шпанската и италијанската полиција соопштија дека уапсиле 106 лица поради учество во криминална група која перела пари за мафијашки организации и заработила милиони евра преку интернет измами. Повеќето од осомничените членови се италијански државјани, а повеќето од апсењата се извршени на островот Тенерифе, дел од Канарските Острови, се вели во соопштението на Европол.

Според италијанската полиција, осомничените ги измамиле своите жртви, кои исто така се претежно Италијанци, да испратат големи суми на сметки на шпанските банки контролирани од групата. Парите потоа биле перени преку набавки на криптовалути или реинвестирани во други криминални активности како проституција, дрога или трговија со оружје.

Групата остварила профит од околу 10 милиони евра минатата година, соопшти Европол.

Членовите на организацијата, која често користи насилство за да ги заплаши жртвите и да изнуди пари од бизниси и поединци, се инфилтрирале во различни сектори на шпанското општество, вклучително и банки и адвокатски фирми, соопшти шпанската национална полиција. За време на операцијата, шпанските и италијанските офицери замрзнале 118 банкарски сметки и запленија 224 кредитни картички и плантажа со марихуана.

Дваесет од уапсените се испратени во затвор во очекување на судење – 18 во Шпанија и двајца во Италија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.