Според американската влада, неколку американски војници загинале во нападот пред аеродромот во Кабул.

Информацијата ја соопшти портпаролот на Министерството за одбрана на САД, Џон Кирби, кој не даде точен број на жртви.

Тој додде дека неколку американски војници се повредени, а во нападот загинале и неколку Авганистанци.

Според некои светски медиуми, во нападот загинале четворица американски маринци, а тројца се повредени.

Вкупната бројка на жртви што првично ја објавуваат светските медиуми изнесува 13 загинати во бомбашкиот напад на аеродромот во авганистанската престолнина Кабул. Портпаролот на политичката канцеларија на талибанците во Доха, Сухаил Шахин, изјави дека најмалку 52 луѓе се повредени. Невладината организација „Итна помош“ претходно информира за најмалку шест загинати и повеќе од 60 повредени.

Талибанците најостро го осудуваат овој грозоморен инцидент и ќе ги преземат сите чекори за да ги изведат виновниците пред лицето на правдата – порача Шахин.

Тој потврди дека се случиле две експлозии.

Германската канцеларка Ангела Меркел, исто така, изјави дека претпоставува оти имало еден или повеќе самоубиствени напади во Кабул. Таа денеска во Берлин порача дека ова е „апсолутно одвратен напад во многу, многу напната ситуација“.

Според првичните информации, една од експлозиите се случила на една од портите на аеродромот, а друга во блискиот хотел.

Се стравува дека бројот на жртвите значително ќе се зголеми. Видеата кои се објавуваат на социјалните медиуми покажуваат десетици загинати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.