Лидерот на Републиканците во Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти ги повлече сите пет кандидати за специјалната комисија што го истражува нападот на Конгресот на 6 јануари. Таквата одлука на Мекарти дојде откако спикерката на Долниот дом на Конгресот, Ненси Пелоси, одби да ја прифати кандидатурата на двајца од нив.

Пелоси ја отфрли препораката конгресмените Џим Џордан и Џим Бенкс, двајцата енергични приврзаници на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, да работат во комисијата за истрага на упадот во Конгресот, со цел да се спречи потврдата за изборната победа на претседателот Џо Бајден.

Со оглед на интегритетот на истрагата, инсистирањето на вистината и загриженоста за изјавите и некои потези на овие членови на Претставничкиот дом, мора да го отфрлам предлогот конгресмените Бенкс и Џордан да бидат членови на комисијата – изјави Пелоси.

Таа додаде дека природата на настаните на 6 јануари, кои биле без преседан, ја барала и оваа одлука без преседан.

Мекарти изјави дека „Републиканците нема да бидат учесници во овој лажен процес“ и наместо тоа ќе спроведат „истрага за утврдување на фактите“.

Пелоси формираше 13-члена комисија откако Републиканците во Претставничкиот дом го отфрлија претходниот обид за формирање двопартиска комисија за истражување на насилството во Капитол.

Таа претходно номинираше една Републиканка, Лиз Чејни, за член на комисијата и рече дека ќе прифати тројца кандидати на Мекарти – Родни Дејвис, Кели Амстронг и Трој Нелс, по што побара од него да избере двајца нови членови на комисијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.