Француската државна секретарка за европски прашања при Министерството за Европа и надворешни работи, Орели де Моншален изјави дека Париз е подготвен да одобри „техничко“ одложување на Брегзит „од неколку денови“.

Тоа би се направило со цел британскиот Парламент да има време да ги заврши потребните процедури, но е против одложување поради „нови преговори за договорот“.

 На крајот од неделата ќе видиме дали чисто техничко одложување од неколку денови е оправдано, поради британската парламентарна процедура. Освен таквата ситуација, одложувањето со цел да се добие на време или нови преговори за договорот е исклучено, истакна Моншален во францускиот Сенат.

Британските пратеници вчера начелно го прифатија предложениот договор, но одбија по итна постапка да расправаат за него.

Премиерот Борис Џонсон потоа објави дека ќе ја суспендира расправата за договорот се додека од ЕУ не се добие одговор на барањето за одложување на датумот за Брегзит, а тоа е 31 октомври.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави дека ќе им препорача на членките на ЕУ да одобрат ново тримесечно одложување на Брегзит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.