Папата Франциск ги повика државите да не ги враќаат мигрантите од небезбедните земји, како што е Либија, каде што, како што истакна, многу луѓе се злоупотребуваат и живеат во нехумани услови, слични на оние во концентрационите логори.

Папата го упати овој апел за време на неговата традиционална неделна молитва во момент кога лидерите на Европската Унија се обидуваат да ги надминат разликите во начинот на справување со приливот на мигранти, прашање кое ја зголеми поддршката за националистичките и популистичките групи во Унијата.

Треба да ставиме крај на неприфаќањето и враќањето на мигрантите во земји кои не се безбедни – изјави Папата Франциск, давајќи ги како пример „илјадници мигранти, бегалци и други луѓе на кои им е потребна заштита во Либија“.

Поглаварот на Римокатоличката црква истакна дека „мора да се даде приоритет на спасувањето на мигрантите на море, нивното организирано пристигнување на копно, алтернативите за нивно испраќање в затвор и договорените процедури за имиграција и добивање азил“. Тој побара од меѓународната заедница „да ги исполни своите ветувања“ и да најде трајни решенија за миграциските бранови.

Многу од овие мажи, жени и деца (во Либија) се предмет на нехумано насилство. Колку страдаат оние кои се вратени назад! Таму има вистински кампови. Никогаш не ве заборавам. Ги слушам вашите лелекања – истакна Папата Франциск.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.